ЗА ПАТРОНОТ

Димитар и Константин Миладиновци

Браќата Димитар (Струга, 1810 – Цариград, 23 јануари 1862) и Константин (Струга, 1830 – Цариград, 18 јануари 1862) Миладинови, се основачи на националната преродба во Македонија од средината на 19. век. Родени се во семејство со осум деца на грнчарот Ристе и неговата сопруга Султана. Основно училиште завршиле во Струга, а гимназија во Јанина, денешна Грција. Со диплома на учители браќата се вратиле во родниот крај. Се занимаваат со собирање и запишување на македонски народни песни и други умотворби. Димитар поради судирите со гркоманите ја напушта Битола, но при крајот на 1856 година се враќа во Струга и го праќа Константин во Москва да студира словенска филологија. Подготвувајќи го Зборникот, Константин и самиот почнува да пишува поезија. Неговото поетско творештво, иако скромно (само 15 песни), го става на пиедесталот на македонската нова литература како основоположник на македонската уметничка поезија. Со песната „Т’га за југ“, која има 70 препеви на 42 јазици, секоја година се отвораат Струшките вечери на поезијата. Во 1859 година Константин заболува од туберкулоза и тргнува кон дома. Патем се среќава со хрватскиот бискуп Јосип Јурај Штросмаер кој прифаќа да го финансира печатењето на Зборникот.

Во чест на браќата Миладиновци, нивната родна куќа во Струга е претворена во спомен-куќа.